Говор на Виктор Орбан на Конференцијата на претседателите на парламентите на Југоисточна Европа и претседателите на парламентите на државите на V4
Будимпешта, 24. септември 2021 година

Длабоко почитуван Господин Претседател! Господин Комесар! Дами и господа! Драги гости!

Му благодарам на Господинот Претседател на Парламентот, што ме покани на оваа средба. Важно е што Вие сте тука во Будимпешта. Будимпешта е и Ваш град. Ако прошетате и се надевам дека ќе имате за тоа можност, ќе наидете на многу споменици на културата што Вие сте ги создале овде во Будимпешта. Еден од најважните плоштади во Будимпешта се вика плоштад Бошњак (Босанец). Ако посакате да седнете во кафеана, ќе најдете српска кафеана, ќе најдете српски цркви, ќе наидете на Албанци кои живеат и работат тука со нас, особено во унгарската угостителска индустрија. Имено сакаме да Вие не се чувствувате тука само како посетител или гостин, туку на Будимпешта да гледате како на град, со кој Вие отсекогаш сте имале нешто заедничко, кој и Вие сте го граделе и затоа е сеуште, Ваш град. Будимпешта има уште една пријатна карактеристика, која се оформи во последните неколку години: овде вообичаено го кажуваат она што го мислат. Ова е многу опасно и воопшто земено е многу опасно, но особено е опасно во политиката. Во Унгарците има склоност кон вакво нешто, но овде не станува збор само за оваа антрополошка карактеристика на Унгарците, туку и за фактот дека цела Европа, целата западна цивилизација, е во ситуација да треба да се соочи со големи, од порано непознати прашања и ако не зборуваме директно и јасно, ќе се занесеме себе си во илузии, а во време кое изискува тешки одлуки, нема поопасен непријател од илузијата, особено ако истата ја креираме самите на себе си. Така да, дозволете ми да во денешното мое кратко излагање зборувам директно и без заобиколување.

Во унгарскиот јазик на секој средношколец му е познат изразот, Балканот е портата на Европа. Портата е составен дел на куќата. Ова значи дека Балканот е органски чинител на Европа, ни припаѓа и културолошки, и како сите порти, и Балканот е едно многу важно место. Оттука, гледано од Унгарија, секој во средно училиште научува исто така дека, ако било која сила, која е поголема од нашата сила, од исток, југоисток или југ, од било кои причини ита кон внатрешноста на Европа, сака да се прошири кон Запад, тогаш патот секогаш води преку Балканот. Ова не е прашање на избор, туку е една геополитичка одредница. Затоа за оние кои живеат во внатрешноста на Европа, кои денес сеопфатно ги нарекуваме Европска унија, а ова особено важи за државите основачи на Европската унија, можат да размислуваат за Балканот на два начина. И начинот на кој овие држави размислуваат за Балканот, ја одредува и Вашата европска перспектива.

Едната можност е, да за Балканот размислуваат како тампон-зона, со која западноевропејците го штитат својот мирен, безбеден, просперитетен и удобен живот. Ако се случи конфликт, што доаѓа од југ или исток, тогаш тој нека не стигне до Виена, до Берлин, до Франција, подобро е овие конфликти да се решат некаде на Балканот. Ова вака се одвивало повеќе стотици години, а и ние Унгарците би можеле да зборуваме за ова, бидејќи и ние со стотици години бевме третирани како тампон-зона. Кога ќе беше потребна помош, не доаѓаа, за сите беше подобро да големите политички, вооружени конфликти на религиите, цивилизациите, империите да се водат на Балканот и на територијата на Унгарија, отколку да истите да се прелеат повнатре во Западна Европа. А само дополнителен профит од оваа политика претставува, кога земјите кои се претворени во тампон-зони треба да се ослободат, кога тоа не е можно без надворешна интервенција, бидејќи потоа тие територии може да се поделат како воен плен. Така ни се случи и нам. Истиснувањето на Турците од Унгарија, бидејќи не можевме тоа сами да го направиме, се случи со западноевропски сили, кои потоа ја поделија Унгарија како воен плен меѓу себе, односно помеѓу тогашните елитни семејства. Така што нам ни е точно позната оваа судбина. Во сегашноста ние веќе се извлековме од оваа ситуација, веќе сме внатре во Европската Унија и од нас веќе тешко е да се направи тампон-зона, но од Вас сеуште може.

Значи размислувајќи не за една или две години, туку на хоризонтот од неколку децении, се поставува прашањето, дали Европската Унија ќе ракува со Балканот како тампон-зона или ќе го промени својот досегашен, за народите кои тука живеат, извонредно неповолен и болен начин на размислување и избере една друга стратегија. Постои друга стратегија и името и е интеграција. Балканот не треба да се претвори во тампон-зона, туку да се интегрира во Европската Унија. Ако гледаме од тука, треба да кажеме дека, во последниот временски период Западна Европа ништо не му даде на Балканот, а му одзема многу, претежно подготвени, добро обучени, стручни лица и работна сила. Тоа што сега е, тоа не е една интеграциона политика, тоа е нешто, со кое се обидуваат да ја супституираат политиката за интеграција. Вистината е дека, комесарот задолжен за проширување попусто се залага за фактичка интеграција. За фактичка интеграција на Балканот, неопходни се политички стратешки одлуки, кои не ги носат комесарите, па дури ни Комитетот, туку Советот, каде што седат премиерите и шефовите на Европските држави. Додека тие не одлучат да го интегрираме Балканот, дотогаш ние ќе бидеме дел од така наречени преговори, кои ќе бидат континуирано развлекувани, компликувани со прашања за детали, кои наместо со стратешки прашања, ќе се занимаваат со регулативна проблематика, а всушност ќе претставуваат процес на влечење на време.

Почитувани Дами и Господа!

Во 1389 година се случи битката на Косово Поле. Од аспект на Европа, заврши неуспешно, ја загубивме битката. Потсетете се, што се случи таму: во битката на Косово Поле Србите го понесоа товарот на битката, а покрај балканските витези, од Запад пристигнаа само Унгарците и Полјаците. Иако влогот на борбата беше христијанска Европа, освен Унгарците и Полјаците не можеше да се видат западни војници. Во мирни услови, ситуацијата и денес е иста. Ако го поставите прашањето, на кого може да сметате во врска со европската интеграција на Балканот, тогаш треба да кажам дека, може да сметате на тие, на кои можевте да сметате на Косово Поле.

Почитувани Дами и Господа!

Се разбира, како и во секој кралски двор, така и во седиштето на ЕУ во Брисел, во употреба е учтив начин на зборување. Никој од Брисел нема да Ви го каже ова без заобиколување, како што јас го правам тоа овде, во Будимпешта. Таму ќе зборуваат за проблемот на владеење на правото, таму ќе зборуваат за напредување, таму ќе зборуваат за поглавја, таму ќе зборуваат за адаптација, ќе изразат загриженост за Вас, дека нивниот апсорпциски капацитет за жал е ограничен и ќе кажуваат слични елегантни работи, на крајот на краиштата, не е соодветно во еден француски двор да се зборува грубо. Но, вистината е дека сите украсни зборови не служат за ништо друго, освен за прикривање на фактот, кој овде во Будимпешта подобро да го кажеме директно, дека денес меѓу шефовите на државите и владите на Западна Европа нема волја, во нивниот круг нема волја за понатамошно проширување. Ние ова го сметаме за сериозна стратешка грешка. Јас не зборувам само во мое име, кога зборувам за поддршка на проширувањето, цела Централна Европа, Полјаците, Чесите, Словаците сите континуирано и упорно стојат на страната за проширување на Европската унија и на европската интеграција на Балканот.

Ние точно знаеме, дека нам, кои сме веќе внатре во Европската унија, значи на самата Европска унија, во суштина повеќе ни треба членувањето на Балканот во Европската унија, отколку на самите балкански земји. Знам дека во главите на многу земји живее мислата, дека членството во Европската унија значи можности за неповратни финансии. Би сакал да ве отрезнам: членството во Европската унија не е придружена со никакви финансиски донации. Ако некој ова Ви го кажува, немојте да поверувате. На сите им препорачувам да обрнат внимание на, а би рекол дека за политичарите од Централна Европа е речиси задолжително четиво, извештајот на полскиот парламент, изготвен пред неколку дена. Полска е голема земја, поголема од која било балканска земја, 38-40 милиони луѓе, економски огромна и силна држава, посилна од нас, и од било кој од нас овде во оваа просторија. И во извештајот на полскиот Сејм, кој го испитува протокот на финансиските трансфери, вклучувајќи ја поддршката од ЕУ, профитите, инвестициите и кој е билансот на состојбата на членството за Полска, од 2004 година, од пристапувањето до денес, таму ќе најдете еден негативен број. Ќе најдете еден, како удар во гради, негативен број. Значи, ако некој на Балканот мисли дека пристапувањето доаѓа со бесплатни ресурси за развој, тогаш греши. Но и наспроти ова, убеден сум дека, во интерес на балканските земји е да се приклучат на Унијата, во интерес е и на нивните сопствени народи, како што е и во интерес на Унгарија да биде членка на Европската унија. Но, не поради парите. Ова го шират само западњаците, кои имаат колонијалистички пристап и мислат дека се може да се реши со пари и мислат дека светот е составен од два вида народи, едните кои даваат, тие се тие, и другите кои добиваат, тие сме ние и затоа треба да сме благодарни. Но, ова е погрешно разбирање на реалниот однос на силите, бидејќи вистинскиот приказ на ситуацијата е дека, најважниот аргумент во корист на членството на Унгарија во ЕУ е – и Ве замолувам да се замислите околу ова – дека добиваме пристап до пазарите. Нема бесплатни пари, има пазар, каде можат да се продаваат оние производи, кои се произведени дома. И искрено да признаеме дека ако Унгарија, која мерена со балкански мерила се смета за една сериозна, поголема земја, со десет милиони жители, немаше пристап до пазарите на ЕУ и ако не умеевме да ги продаваме нашите производи таму, животниот стандард на Унгарците би бил радикално понизок отколку што е сега. Но, не затоа што добиваме пари од Европската унија, туку затоа што добиваме шанса да бидеме подобри од нив. Да можеме да произведуваме производи што се поквалитетни, поевтини, поконкурентни и потоа тие се волни да ги пуштат тие производи на сопствените пазари. Помислете: ако не постоеше Европската унија, европската трговија би била регулирана со меѓудржавни договори, точно на начин, како што беше во ерата пред Европската унија. А земјите со слична големина на нас, никогаш не би можеле да постигнат билатерални договори, кои би значеле таква можност на пристап на нашите сопствени стоки кон пазарите, со каква што располагаме сега, кога европската економија е опфатена во една унија. Затоа, и покрај сите наши основани критики, сите очигледно нанесени неправди, наспроти и со се, очигледно неучтиви, па дури и нелегитимни дејствија преземени против нас, во наш интерес е Европската унија да опстане и да биде силна. И да ни даде шанса, ако работиме, ако сме паметни и ако сме конкурентни, да можеме да ги продаваме нашите производи, нашето знаење, нашите услуги и со тоа да можеме да го подигнеме животниот стандард на сопствените народи, сопствените граѓани. Тоа е смислата на Европската унија.

И затоа големите држави на Европската унија не навиваат за проширувањето, бидејќи тоа значи дека и тие мора да се натпреваруваат. Но сепак, ако еднаш дојде ера во Европа, а секакви избори ќе има во следните неколку месеци, да не исклучуваме дека ќе има ера кога ќе преовладува само краткорочниот политички опстанок, до следниот ден, и само временскиот хоризонт на победата на следните избори, но ако дојде таа ера, кога повторно ќе има историски хоризонт, кога ќе има барем среднорочно размислување, ќе има најмалку децениско планирање, тогаш ќе има такви лидери во Европа, кои ќе увидат, дека дури и за тоа внатрешно јадро на Европа, кое живее најудобно и во најголем комодитет, интеграцијата на Балканот е неизбежна. Прашањето на безбедноста е евидентно. Внатрешноста на Европа нема да биде безбедна, ако Балканот не е интегриран. Но, во прашање е и нешто повеќе од ова: западноевропејците не можат да го одржат својот животен стандард, без интеграција на Балканот.

Да ја разгледаме како доказ ситуацијата во Централна Европа. Денешната ситуација е дека, кога ние централно-европејците не би биле членки на Европската унија, тогаш европскиот, односно западноевропскиот стандард би бил многу понизок отколку што е сега. Вкупната трговска размена на земјите на Вишеградската четворка со Германија е двојно поголема од онаа, на германско-француската трговска размена. Вкупната трговија на земјите на Вишеградската четворка со Германија е трипати поголема од волуменот на германско-италијанската трговија. Не е претерано да се каже дека денес, без Централна Европа, би се распаднала германската економија. Без Централна Европа, без Вишеградската четворка, нема германска економија, нема висок животен стандард. Нема да го има повисокиот германски животен стандард, од тој што го имаме тука во Централна Европа и ова важи дури и подлабоко во внатрешноста, за северна Италија, и се повеќе ќе важи и за Франција. Ова добро укажува на тоа дека, ако претходниците на денешните западни лидери не се решеа на чекорот за проширување, економијата на Европската унија денес ќе беше многу послаба. Растот, резултатите над планираното, доаѓаат од Централна Европа. Сите прогнози покажуваат дека регионот на Централна Европа во текот на следните повеќе години, ќе покаже значително поголем, честопати двојно надминат раст на економиите на Западна Европа. Тоа е реалноста, почитувани Дами и Господа!

Денес живееме во последниот донесен буџет на Европската унија, за периодот од 2021 до 2028 година, кој е креиран според сегашниот баланс на силите. Во 2028 година, повеќето од земјите на Вишеградската четворка ќе бидат нето-уплатувачи. Чесите се веќе и сега блиску до тоа. И како го гледам развојот на Полјаците, Словаците и нашиот, и ја гледам западноевропската стагнација, оваа состојба сигурно ќе дојде во втората половина, крајот на деценијата. Ова ќе ги промени односите и на политичките сили во рамките на Европската унија. Ова е добра вест за Вас. Економската тежина, влијанието и политичката моќ на земјите поддржувачи на проширувањето, значително ќе се зголемат. Убеден сум, дека тоа што ни се случи на нас, ќе ви се случи и Вам, кога би влегле во Европската унија. Односно, не само што Вие би добиле можност за развој преку пазарите, туку Вие би биле следниот голем економски мотор на Европската унија. Знам, дека кога ќе ги погледнете сопствените бројки и ќе се потсетите на проблемите, со кои се борите дома, тогаш тоа што го велам звучи неверојатно, дека вие би биле следниот голем економски мотор на Европската унија. Но, верувајте ми, и ние гледавме со исто вакво неразбирање во тие, кои ова ни го кажуваа во раните 2000-ити години. Никој тогаш не веруваше дека петнаесет години подоцна, Вишеградската четворка ќе биде економски мотор на Европската унија. Денес ова е реалност. Балканот е следната голема можност за Европската унија. Ако балканските народи добијат можност, исто како и земјите од Вишеградската четворка, за неколку години ќе го стигнат темпото, ќе ги зајакнат своите економии, и вистински голем раст, економски раст, во Европската унија ќе дојде од Балканот. Значи кога велам дека, Унијата има поголем интерес за членство на Балканот, отколку самите балкански народи, мислам не само на безбедноста, туку и на економските интереси на западњаците. Ако не можеме да ја вклучиме виталноста и стремежот на Балканот, желбата на луѓето таму за просперитет, движечката сила која е моторот на секој економски развој, ако ова не можеме да го вклучиме во европската економија, тогаш се откажуваме од една огромна можност. Затоа, Ве бодрам да со најголема самодоверба и самосвест истраете покрај вашето барање, кое се однесува на членство во Европската унија.

Добрата вест е дека соработката на унгарската економија со балканските земји, покажува охрабрувачка состојба. По 2015 година, унгарските односи со балканските земји значително се зголемија во обем. Трговските односи се развиваат динамично. Во 2020 година, унгарските директни капитални инвестиции кон регионот на Западен Балкан се зголемија за 16 проценти, значително надминувајќи ги податоците од претходната година, иако зборуваме за година на пандемијата и полека ќе стигне до 2 милијарди евра. Обемот на трговската размена меѓу Унгарија и балканските земји, во првата половина на 2021 година, се зголеми за 10 до 40 проценти, во споредба со истиот период од претходната година; зависно од тоа, за која земја станува збор.

Почитувани Дами и Господа!

Ова е добра вест за нас, но убеден сум дека е и за Вас. Познато е дека, размислувањето на централно-европејците, на Вишеградската четворка и на Унгарците во врска со економските односи со Вас, се разликува од мислењето на западноевропејците. Бидејќи западноевропејците се далеку, тие реално сакаат само да ги уловат рибите на балканските економии, да ги соберат шансите за профит, да се здобијат со Вашите инаку интелигентни и добро обучени работници. Ова е разбирливо, тоа е во нивен интерес, и тие така постапуваат. Централна Европа нуди повеќе од ова, бидејќи Вишеградската четворка не гледа на Балканот едноставно како економска целна точка, туку како на огромна можност, со која можеме да ја зголемиме Централна Европа. Не знаеме што точно ќе се случи во наредните години, но толку знаеме, дека западноевропската економија ќе се развива побавно од централноевропската, така што во наш интерес е да создадеме голем централно-европски економски простор. Сега сме четворица, тоа е Вишеградската четворка. Ако ги гледате бројките, разбирате зошто работиме заедно. Наш интерес е, да овој централно-европски економски простор можеме да го прошириме кон југ. Балканот за средно-европејците, не е едно место за профит, туку стратешка можност, која овозможува да ја зголемиме нашата безбедност, но и да ја зголемиме најдинамично растечката област на целата Европска унија. Поради ова, ние не сме заинтересирани само да направиме профит, иако тоа е смислата на сите економски инвестиции, ние сме заинтересирани за тоа, да направиме профит на таков начин, да притоа балканските земји се развиваат најбрзо што може. Ние сакаме железници. Сакаме патишта, сакаме мостови, сакаме нашиот енергетски систем да го поврземе. Ние сакаме, да овие земји не само ги примат странските инвеститори, туку да произведуваат, да создаваат конкурентни стоки и потоа да дојдат како инвеститори кај нас и во земјите на Вишеградската четворка. Значи, тоа што Централна Европа го нуди на балканскиот простор е среднорочна и долгорочна стратешка соработка. Ајде заедно, Вишеградската четворка и балканските земји, да ја изградиме најпроминентната економска област на целиот европски континент. Имаме можност за тоа. И верувајте ми дека, ќе дојде тој момент, слично на ситуацијата со земјите од Вишеградската четворка, да европската економија веќе не може да функционира без нас, да не може да функционира ниту без балканските земји. За ова, мора да сте влезени во Унијата, за ова и Вие мора да се интегрирате преку регионот на Централна Европа и мора да станете незаменливи за германската, италијанската и француската економија. Ова е реална опција. Не е моја работа да размислувам за можностите на балканските народи, тоа е Ваша одговорност, јас размислувам за можностите на Унгарците, но сигурен сум дека ова е најповолниот контекст и за Унгарците и за народите на Балканот, ако сакате да си направите десет до петнаесет годишен план, за кој ќе можете да зборувате како успешна приказна пред своите граѓани избирачи.

Почитувани Дами и Господа!

Патот кон Европската унија за народите на Балканот води преку Централна Европа. Би сакал да потенцирам, уште еднаш заблагодарувајќи се на вашето внимание, дека Вие може да сметате на Унгарија и на Централна Европа воопшто, но особено во однос на проширувањето на Европската унија.

Посакувам многу успеси на сите нас!